Знамиња
на земјите-учеснички во групата А, реклами, сувенири што се продаваат
на секој чекор, навивачка зона, кафетерии каде што секоја
репрезентација има свој агол (кутак, по хрватски). „Рукси“, маскотата
на првенството, ве мами да ја купите од секој ќош. Љубезните домаќини
сè ќе ви објаснат и ќе ви покажат што ве интересира. Љубезните
угостители се грижат дали вашето сместување е во ред и дали сте
задоволни од она што го нудат. Вараждин, градот на барокот, дише со
пулсот на СП.
И додека шетате по беспрекорно чистите улички во
Вараждин, неминовно, колку и да не сакате, ви се наметнува споредбата
со Скопје и со Охрид, кои само пред еден месец беа домаќини на еден
слично голем спортски настан - Европско првенство за ракометарки.
„Да,
да и кај нас сè беше вака. И навивачки зони и посебни кафанчиња, каде
што се собираа навивачи од различни земји. И реклама и билборди, сè
имавме“, коментираа иронично Македонците што се дојдени во Вараждин да
ги бодрат македонските навивачи на СП.
Не требаше многу за да
се постигне тоа, а тоа ќе ви го кажат и жителите на Вараждин. Само
добра организација и добра волја на сите.
Насекаде по Вараждин
има знамиња на сите учесници на Мундијалот што се натпреваруваат во
групата А - Германија, Полска, Русија, Македонија, Тунис и Алжир. На
јазиците на овие земји на сите им се посакува топло добредојде. Мали
многу симпатични дрвени куќички се поставени во центарот на градот,
каде што се продаваат секакви сувенири и посетителите на првенството од
Хрватска може да заминат и со себе да понесат маици, шалови, капи,
приврзоци, магнети за закачување пораки на фрижидер...
Маскотата
„Рукси“ е еден од најбараните производи. А во Скопје или пак во Охрид
го виде ли некој „Шарко“, таканаречената маскота на ЕП 2008? Си купи
некој приврзок со неа? Се сликаше некој со Шарко? Не. Овде тоа не е
случај.
И во „Спортска дворана“ врие како во кошница, со вредни и услужни луѓе, кои се задолжени за сè да биде беспрекорно.
Но
новинарите немаат којзнае какви услови за работа. Единствената маана
што може да им ја најдеме на Хрватите досега е местото одредено за
новинарите од печатените медиуми. Сместени сме на столчиња со потпирки
на кои не е сигурно местото на лаптопите, па малку е тесно, малку се
буткаме, па внимаваме на колегата до себе да не му го превртиме
компјутерот кога сакаме да станеме. Но веќе следниот ден работите се
сменија, па домаќините обезбедија подобри услови за работа. По
критиките од домашните известувачи дека во прес-центарот нема бесплатно
кафе и вода, и тоа беше обезбедено.
Навивач од Израел ќе ја бодри Македонија
На
еден од штандовите на куќичките сретнавме двајца странци што
заинтересирано ги гледаа навивачките реквизити. Ги прашавме од каде се,
мислејќи дека се навивачи на Германија или на Полска. Се изненадивме од
одговорот.
- Од Израел. Да, Израел не учествува на СП во
ракомет, ама дојдовме да гледаме врвен ракомет. Ова е мојот внук, тој е
ракометар. Му ветив дека ако биде добар ученик, ќе добие за награда
патување на СП. И ете, беше добар, па дојдовме тука - кусо ни раскажа
гостинот од Израел.
Вели дека нема изразен свој фаворит на ова првенство.
- Вие од каде сте - нè праша нашиот соговорник.
- Од Македонија - му одговоривме.
- Тогаш ќе навиваме за Македонија - љубезно го заврши разговорот со нас Израелецот. |