Афроамериканска дива, драмскиот сопран Џеси Норман, ќе го отвори 48-то издание на фестивалот Охридско лето.
Популарната оперска дива ќе настапи на сцената на Античкиот театар,
заедно со оркестарот на Операта, а ќе настапат и хорот и балетскиот
ансамбл на Македонската опера и балет. Пред македонската публика во
првиот дел ќе отпее класични оперски арии, а во вториот дел џез и
госпел композиции од Елингтон, Гершвин, Бернштајн... Со оркестарот на Операта ќе диригира американската Рејчел Ворби, последниве години постојан диригент на концертите на Норман.
Шеесет и тригодишната Норман е една од најдобрите оперски изведувачи на
современи музичко-сценски дела, и една од најценетите интерпретаторки
на опери од т.н. железен репертоар. Оваа оперска дива е вистински
пример за тоа како треба да звучи еден драмски сопран. Нејзиниот вокал
е експресивен и моќен и магнетски ја привлекува и најрафинираната
оперска публика. Светот ја познава најмногу по изведбите на улогите на
Аида, Касандра, Алчеста и Леонора во Фиделио.
Џеси Норман, е четирикратна добитничка на греми, а во 2006 година
Американската Национална академија за тонска уметност и наука и ја
додели и наградата за животно дело. Оваа престижна награда досега ја
добиле врвни музичари како Леонард Бернштајн, Владимир Хоровиц, Артур Рубинштајн, Исак Штерн, Игор Стравински, Артуро Тосканини...
Критиката за неа ќе каже дека “поседува експресивни пејачки квалитети,
силен емотивен приод во оперските рољи, но и интелигентно разбирање на
музичкиот стил“.
Големата оперска ѕвезда во Македонија доаѓа по едногодишни преговори со организаторите на Охридско лето. |