Ние не бараме ништо повеќе од правото на државјанство и приватна
сопственост, кои се неприкосновени според грчкиот Устав. Ова стои во
декларацијата од четвртата Светска средба на децата бегалци од
Егејскиот дел на Македонија.
„Јас на свои седум месеци мајка
ми во пелени ме има донесено овде, за грчките власти моето семејство да
го прогласат за државен непријател и замислете, јас седум месеци бебе,
јас сум непријател, јас сум за нив злосторник“, вели дете бегалец.
„Бараме
она што е наше да ни се даде, ништо повеќе, за што имаме законско
право. Си ги бараме имотите што сме ги оставиле, треба да ни се дадат.
Таму самите адвокати избегнуваат тие работи да ги прават. И тие се
плашат, иако знаат дека сите овде се во право. Еден ден ќе дојде тоа
време, Грците ќе се извинат на Македонците“, рекоа деца бегалци.
Со
звукот на тапаните, македонската химна, околу 6.000 деца бегалци од
целиот свет се потсетија на егзодусот пред точно 60 години на околу
28.000 македонски деца за време на Граѓанската војна во Грција.
„Нашето
движење децении веќе е историја, се бори во рамките на грчката држава,
во рамките на законитоста и во Грција и во Европа и во светските
институции да ги истакнеме нашите проблеми што ги имаме во Грција“,
изјави Атанас Парисис, „Виножито“.
„Важно се покренува една
постапка како индивидуално право и драго ми е што Република Македонија,
нашата македонска држава го покренува на највисоко ниво тоа прашање“,
рече Ставре Џиков, адвокат.
Националниот идентитет не може административно да се избрише, изјави покровителот на средбата, спикерот Трајко Велјановски.
„Таа
црвена линија, почитувани пријатели, не можеме да ја поминеме, бидејќи
ако се откажеме од националниот идентитет, едноставно ќе не снема“,
вели Трајко Велјановски, претседател на Собрание.
Од средбата
беше побарано ОН, ЕУ и соседните земји да ги почитуваат правата на
македонското малцинство, да овозможат враќање на бегалците во родните
огништа и помирување во име на демократијата и општоцивилизациските
вредности.
Децата бегалци со едноминутно молчење им оддадоа почит на сите загинати во Граѓанската војна во Грција.
Нивни претставници положија цвеќе пред спомениците на децата бегалци, Гоце Делчев, борците од НОБ и Крсте Мисирков.